Цигари, алкохол и лекови за време на бременоста
Category : Бременост , Последни Објави
Преку пушењето цигари и пиењето алкохол ти внесуваш штетни хемикалии во твоето тело. Ефектите од истите врз бебето во твојата утроба се големи.
На неговото тело му треба двапати подолго време за да се ослободи од штетните хемикалии. Хемикалиите ја забрзуваат работата на неговото срце и како што ти ги внесуваш го лишуваш твоето бебе од воздух/кислород, којшто му е очајнички потребен за неговиот раст и развој.
Доколку продолжиш со пушењето цигари и пиењето алкохол за време на твојата бременост, постои ризик од:
- Бебето да се роди препрано и со недоволна тежина.
- Органите на бебето да не се развијат доволно.
- Во иднина бебето да има потешкотии со функционирањето на белите дробови.
- Двојно поголем ризик од ненадејна смрт на доенчето.
- Бебето да се роди со некаков недостаток.
Исто така многу е важно да знааеш дека вдишуваш многу штетни супстанци дури и кога си во близина на некој што пуши цигари. Твојот партнер/сопруг треба да знае дека доколку не пуши цигари во твоја близина додека си бремена, помага неговото дете да биде посилно и поздраво.
Пиење лекови
Додека си бремена твоето бебе ги споделува со тебе и лековите што ги примаш. Многу лекови имаат штетни влијанија врз твоето бебе и можат да го успорат неговиот правилен раст. Ова е многу важно за првите три месеци од бременоста, бидејќи тогаш се развиваат органите на плодот, како црниот дроб, срцето и бубрезите. Поради ова треба да се избегнува зимање на било какви лекови, со исклучок во ситуации кога тоа е апсолутно потребно. На пример, избегнувај лекови за настинка, сирупи за кашлање или лекови за смирување на болка, лекови кои помагаат за варење на храната и сл. Тука спаѓаат и “природните“ растителни лекови што исто така можат да бидат опасни. Многу од помалите проблеми во бременоста, може да се третираат и без лекови. Имај на ум дека сите лекови можат да бидат опасни по здравјето на твоето бебе, освен ако докторот не ти препорача поинаку.
Многу доктори сметаат дека парацетамолот е безопасен, но избегнувај аспирин посебно во последните два месеци од бременоста. Ако имаш сериозна инфекција најбезбедените антибиотици се пеницилните. Другите можат да бидат многу штетни за твоето бебе. Но, повторно, за било што консултирај се со твојот доктор.
Ако веќе редовно пиеш лекови за некој важен проблем коишто докторот ти ги препишал, продолжи со земањето. Но сепак, кога ќе ја имаш првата можност кажи му на твојот гинеколог кои лекови ги примаш. Ако се прегледуваш кај друг доктор или забар информирај го дека си бремена.