Можев да бидам татко
Category : За Слајдер
Бев студент на 25 години и уживав во животот. Имав девојка со која што се забавував. Еден ден, таа ми рече дека е трудна, според тестот за бременост. Не знаев што да правам. По краток разговор, без многу размислување, решивме таа да земе апчиња со кои ќе предизвика абортус. Таа ги зема апчињата и сѐ беше готово.
Ништо не беше готово. Во мене се јави чувство на длабок срам и каење. Сѐ повеќе размислував за тоа што го сторив. Постојано ме мачење мислата дека сум убил човек. Ми се причинуваше дека рацете ми се крвави. Набрзо потоа ја раскинав врската со таа девојка.
Не можев да се соочам со себеси. Паднав во депресија. Мислев дека никогаш во животот нема да бидам татко, затоа што не заслужувам да бидам татко.
Дури почнав да си мислам дека не заслужувам повеќе да живеам. Решив да се отселам на друго место.
Барав втора шанса. Почнав да читам секаква религиозна и спиритуална литература.
Почнав да си ги поставувам големите прашања: Кој сум јас? Како дојдов тука? Која е мојата цел? Каде ќе одам после смртта?
Одговорите ги најдов во Библијата. Во новото место на живеење се сретнав со стар пријател кому му се доверив и кажав што ми се случило. Тој ме покани да ја посетам црквата каде што тој одеше секоја недела. За прв пат почувствував дека таму е Господ, дека се среќавам со живиот Бог. За прв пат ми стана јасно тоа што сум го слушал и читал за Исус Христос. За прв пат сфатив дека Тој бил казнет наместо мене и наместо тебе, за сите ние што веруваме во таа Негова жртва да бидеме спасени од пеколот што го заслужуваме и да добиеме вечен живот што не го заслужуваме.
За прв пат сфатив што значи да се добие втора шанса. За прв пат сфатив што значи да бидеш вистински родител, бидејќи го запознав мојот небесен Татко.
Дејан А.