Сексуално преносливи инфекции
Category : Добро е да се знае за...
Што треба да се знае за сексуално преносливите инфекции?
Сексуално преносливите инфекции (СПИ) се пренесуваат преку незаштитен вагинален, анален и орален секс.
Но, исто така и при генитален контакт на кожата на здраво лице со кожата на заразено лице.
Причинители на СПИ се бактерии, вируси и паразити. Некои од СПИ кои се предизвикани од бактерии можат да се лечат, но оние чии причинители се вируси, остануваат во телото, а со лечење само се ублажуваат симптомите и инфекциите.
Како можеш да ги избегнеш СПИ?
- Одложување на моментот кога ќе постанеш сексуално активен/а;
- Помал број на партнери – помал ризик за инфекција;
- Со правилно и редовно користење на кондом, иако ни кондомот не дава 100 % заштита.
Светската Здравствена Организација има изјавено дека, најдобар начин да се избегнат овие инфекции е да се остане верен на својот незаразен партнер за цел живот.
Хламидија
Причинител : бактерија
Симптоми : околу 70% од жените и 50% од мажите немаат никакви симптоми.
Кај мажите: инфекцијата најчесто предизвикува уретритис – воспаление на надворешниот дел на мочниот систем сместен во телото и главата на пенисот. Како симптоми може да се јават проблеми и печење при мокрењето, светол исцедок, честа потреба за мокрење и евентуално црвенило на главата на пенисот.
Кај жените: исто така се јавува воспаление на мочниот систем и цервицитис – воспаление на матката, како и печење при мокрењето и исцедок со жолтеникава боја.
Како се лечи?
Хламидијата се лечи со антибиотици, а истовремено на терапија треба да се подложи и партнерот.
Кои се последиците ?
Доколку не се лечи, може да предизвика неплодност и други компликации кои можат да имаат трајни негативни последици.
Кај мажите може да предизвика воспаление на тестисите и неплодност, а кај жените воспаление на органите во малата карлица, вонматерична бременост или стерилитет.
Генитален херпес
Причинител: генитален херпес е инфекција која ја предизвикува херпес симплекс вирусот.
ХСВ вирусот останува во одделни нервни клетки во телото во текот на целиот живот, па кај некои заразени лица може да предизвикува повторувани инфекции (рецидиви на инфекцијата). Најголемиот број на заразени лица добиваат генитален херпес по сексуален однос со лице кое ја има оваа инфекција т.е. лице со активна ХСВ инфекција.
Симптоми: раните симптоми на избивањето на генителниот херпес се:
- свраб или чувство на печење околу гениталната и анална регија, болки во нозете, задницата или гениталиите,
- исцедок од вагината,
- чувство на притисок во стомакот.
Лекување: Не постои каузален лек за лекување на гениталниот херпес. Практично, тоа значи дека за сега не постои лек кој може да се земе, да се испие или да се намачка и кој би ја излечил оваа болест засекогаш.
Превенција: Кондомот кој ги покрива меурчињата и раничките веројатно ќе биде доволна заштита ако се користи од почетокот на сексуалниот однос, пред допирот со кожата.
Миењето на рацете со вода и сапун по сексуалниот однос ја намалува можноста од инфекција.
Мора да се води сметка и дека кондомот не штити целосно од херпес и за да дојде до заразување со ХСВ вирусот не е неопходна пенетрација. Вирусот може да се пренесе и за време на предиграта со партнерот, бидејќи постои близок контакт на кожа со кожа, или да се пренесе во тек на орален секс.
Иако вирусот не се јавува на прстите или предметите, сепак тие може да го пренесат вирусот.
Гонореја
Причинител: бактерија
Симптоми: Кај мажите се појавува болка при мокрење, секрет од пенисот и болка во тестисите. Кај жените зголемен вагинален секрет или промена во секретот, болки во карлицата и болки при мокрење.
Сепак, околу 10% од мажите и 50% од жените немаат симптоми.
Компликации: кај жените може да предизвика воспаление на матката, јајоводите и други репродуктивни органи, вонматерична бременост и стерилитет.
Кај мажите предизвикува воспаление на тестисите, простатата и може да предизвика стерилитет.
Лекување: Оваа инфекција се лекува со антибиотици.
ХПВ – Хуман папилома вирус
Терминот ХПВ се однесува на група вируси т.н. папилома вируси. Досега се идентификувани околу 100 различни типови на ХПВ вируси, а околу 30 од нив се пренесуваат со сексуален однос.
Симптоми: Инфекцијата со ХПВ вирусот може да биде асимптоматска, односно да лицата инфицирани со хуман папиломавирус (ХПВ) немаат никакви симптоми и знаци на инфекцијата.
Сепак, кај одреден број лица заразени со одредени типови на ХПВ се јавуваат генитални брадавици (единечни или повеќе на број кои растат во предел на гениталиите). Овие брадавици можат да се појават неколку недели па и месеци по сексуалниот контакт со инфицираното лице.
Инфекцијата со ХПВ вирусот се смета како главен фактор на ризик за развој на карцином на грлото на матката.
Како се лекува ХПВ инфекцијата?
Не постои лек за инфекција со хуман папиломавирус (ХПВ). Најголем број од лицата заразени со ХПВ немаат потреба од посебно лекување, бидејќи самиот организам кај нив се ослободува од вирусот. Се смета дека важен фактор во борбата против инфекцијата е зајакнувањето на имунитетот.
Како да се заштити од ХПВ инфекција?
За оние лица кои се сексуално активни, спречувањето на инфекцијата може да биде тешко бидејќи повеќето од нив воопшто не знаат дали се инфицирани.
Кондомите можат да обезбедат некаква заштита од ХПВ, но тие не се 100% ефикасни, бидејќи преносот на ХПВ претежно е преку кожа-кожа контакт. Вирусот може да ја зарази кожата која не е покриена со кондом.
Постои вакцина против ХПВ, која се препорачува да ја примаат припадничките на женскиот пол на возраст од 13 до 19 год.
Хепатитис
Хепатитис Б и Ц се вируси кои се пренесуваат преку незаштитен сексуален однос и контакт со заразени игли. Тие го напаѓаат црниот дроб и можат да предизвикаат тешко оштетување и рак.
Симптоми: и мажите и жените имаат симптоми слични на грипот, мачнина, повраќање, дијареа, болки во стомакот, губење на телесната тежина, жолтица, свраб.
Повеќето од инфицираните со Хепатитис Б ќе развијат антитела и ќе се изборат со вирусот, но само 20% од инфицираните со Хепатитис Ц ќе успеат да се изборат со овој вирус. Кај 80% вирусот останува во телото и прави тешко оштетување на црниот дроб, па и рак.
Превенција: вакцините за хепатитис Б се ефикасни, но не постои вакцина за Хепатитис Ц.
Лекување: единствен третман на акутниот хепатитис е одмор и здрава храна. Докторот ќе каже колку долго е потребно да се мирува. Некогаш се потребни и неколку месеци за нормализирање на состојбата.
ХИВ и Сида
ХИВ е скратеница за хуманиот вирус на имунодефициенција (Human Immunodeficiency Virus). Тој го напаѓа имунолошкиот систем кај човекот, поради што организмот станува неспособен да се бори и против обичните инфекции.
Како се пренесува?
ХИВ може да се пренесе со сексуален контакт (анален или вагинален), ако при тоа не се преземат мерки на заштита. Инфицирана сперма, вагиналните секрети вклучувајќи ја и менструалната крв може да навлезат преку мали гребнатинки (абразии) во организмот на партнерот.
Аналниот секс се смета за високо ризичен.
Вагиналниот секс носи ризици за пренесување на ХИВ преку семената течност или гениталниот секрет.
Оралниот секс е ризичен бидејќи ХИВ може да премине од вагиналниот секрет или семената течност во устата во која можеби има рагади или ранички.
Инфекцијата може да се пренесе преку употреба на заеднички игли бидејќи клетките кои го содржат вирусот може се уште да се присутни на иглата, без да може да се видат.
Симптоми: Лицето заразено со ХИВ може да биде носител на вирусот, а подолго време да не развие симптоми.Понекогаш и по повеќе години.
СИДА е состојба кога ХИВ вирусот ќе го нападне имунолошкиот систем на човекот. Се дури не се случи тоа, велиме дека лицето не е болно од СИДА, туку е само ХИВ позитивно.
Раните симптоми на СИДА се слични на грипот, со благи болки во мускулите, покачена температура, осип и отечени лимфни жлезди.
Како да знаете дали имате ХИВ?
Тестирањето на крвта ќе покаже дали се присутни антитела на ХИВ, односно дали некое лице е ХИВ позитивно – не постојат клинички знаци кои ќе ви укажат на тоа. Вакво тестирање кај нас може да се направи на Клиниката за инфективни болести.
Третман на ХИВ
Се уште нема ефикасен и специфичен лек, ниту вакцина за ХИВ.
Како да се превенира ХИВ инфекција?
Како превенција на ХИВ инфекцијата е практикување на безбеден секс со правилна употреба на кондоми. Тоа го минимизира ризикот од ХИВ инфекција преку сексуален однос.
Затоа, секогаш внимавајте на мерките на безбедност при сексуалниот контакт.