„Ако не сакаш, не мора да го сториш тоа. Бори се!“
Category : Животни приказни , Последни Објави
Елена беше грижлива мајка на четири убави девојчиња. Отсекогаш сакала да има три деца, но животот ги изненади со близначки, па во моментот беа горди родители на четири деца. Никогаш ни не помислувала дека повторно ќе треба да купува тест за бременост. Нејзиниот сопруг и рекол дека е сигурен дека внимавал, но циклусот и доцнеше.
Сепак, нејзиниот страв стана реалност, таа беше бремена. Гинекологот и го потврди тоа и автоматски ја препрати на абортус. Нејзиниот сопруг сметаше дека абортусот е единствената разумна опција. Веќе имаат четири деца, финансиите едвај ги покриваат нивните трошоци, а уште едно дете повеќе ќе биде и срам за семејството. Таа се согласи со тоа дека немаат услови за уште едно дете. Она што Елена го премолчи беше стравот кој го носеше во себе, стравот од абортусот. Кога само би имало некако можност да не го прави ова, да не мора да абортира! Тивко се молеше во себе: „Господе, ако е можно некако спречи го ова.“
При прегледот во болницата еден друг лекар и кажа дека таа е бремена 12 недели и дека абортусот ќе мора да се направи по сосема друга процедура. Треба да оди на комисија, комисијата да одобри, а потоа да чекаат да влезе во 5 ти месец за да го направат абортусот. Елена беше збунета. Што тргна наопаку? Дали Бог ја слушна нејзината молитва? Но она што сега се издигаше пред неа беше уште поголема планина!
Советникот од “Лидија“ и ја објасни процедурата на абортус во 5ти месец. Таа веруваше дека не може да го дозволи тоа. Сепак, нејзиниот матичен гинеколог ја убедуваше дека тоа е најдобро за неа, дека е безбедно тоа да се изведе во болнички услови. Никој не прашуваше како се чувствува таа. Таа носеше бебе под нејзиното срце, веќе обликувано тело на човек, срце кое чукаше, а притоа требаше и дополнително да чека да порасне и да и го умртват.
Ти си мајка на ова дете, ти имаш целосно право да одлучиш за себе и за твоето дете. Ако не сакаш, не мора да го сториш тоа! Бори се! – Ова беа зборовите кои и одекнуваа во главата.
Го стисна во својата рака моделот од ембрионот кој и го дадоа на советувањето и не го испушти. Одлучи да му се спротивстави на светот ако треба. Ова бебе веќе не беше бројка за неа, беше Живот и тоа дел од нејзиниот живот.
После 5 месеци, таа роди здраво машко дете на кое неизмерно му се радуваше целото семејство. Во еден наврат добивме порака во која Елена велеше:
„Павле е многу весело бебе, многу е сладок. Татко му колку го сака, тоа не може да се опише, има посебна врска помеѓу нив двајцата. Се се смени на подобро благодарение на Бог и на вашата поддршка. Откако тој се роди, животот ни е поубав, поисполнет…знаете, ми се чини дека сум најсреќната мајка на светот!“