Секогаш кога имаш секс, постои можност за забременување.
Симптомите на бременост се различни од жена до жена и од бременост до бременост. Некои жени може да почувствуваат промени во своето тело уште во првата недела од зачнувањето, додека други жени немаат никакви симптоми во првите неколку недели. Сепак, еден од најчестите и најзначајните симптоми е изостанокот на месечниот циклус.
Други симптоми кои можат да укажуваат на бременост се :
– мачнина или повраќање (посебно изразени наутро);
– градите се осетливи и болни на допир;
– често мокрење;
– промени во апетитот;
– чести промени во расположението.
Доколку си имала незаштитен секс и имаш некои од овие симптоми, потребно е да направиш тест за бременост или да посетиш гинеколог .
Исто така, можеш да го посетиш нашиот центар кадешто ќе добиеш бесплатен тест за бременост и доколку се работи за непланирана бременост ќе можеш да разговараш со некој од нашите советници кои имаат поминато обука за советување девојки и жени со непланирана бременост.
Непланирана бременост
Секоја непланирана бременост не мора да биде криза во животот. Меѓутоа, доколку жената открие дека е бремена, а се наоѓа во проблематична врска, има проблеми со здравјето, нема подршка од партнерот или семејството, има финансиски потешкотии или смета дека оваа бременост ќе влијае на нејзиното школување или кариера, оваа состојба може да биде многу стресна, трауматична и збунувачка.
За жените во оваа состојба е важно да знаат дека во ваква состојба не треба да донесуваат импулсивна и избрзана одлука, бидејќи ова е една од најважните одлуки која ќе мораат да ја донесат и која ќе влијае на нивната иднина и иднината на нивното дете.
Советниците од ценатрот „Лидија-Срце што чука “ можат да ви помогнат доколку се соочувате со непланирана бременост, посебно ако немате со кого да разговарате. Разговорот со стручно лице може многу да ви помогне, бидејќи тие ќе издвојат време да ве сослушаат и да ви помогнат да ги разгледате и испитате сите опции кои ви се на располагање. Ова може да биде прилика за вас да бидете добро информирани и одлуката што ќе ја донесете да биде базирана на знаење, а не на стрес, страв и збунетост.
Доколку не сте во можност да го посетите центарот, можете да ни се јавите или да ни пишете. Ние сме спремни да разговараме и да ви помогнеме.
Секој разговор ќе се одвива во строго доверлива и неосудувачка атмосфера.