
Компликации од абортусот
Category : Абортус
Дали абортусот има последици по здравјето?
Во последно време, каде и да барате одговор на ова прашање, најчесто ви се кажува дека да, се случува по абортусот жената да има проблеми со здравјето кои инаку би ги немала, но дека тие статистички се јавуваат многу ретко и дека и да се јават, можат да се излекуваат, па така речиси и не мора да се размислува дека по абортусот ќе ти се случат некои проблеми со здравјето.
Овде, нема да се зборува за тоа колку овие тврдења се точни или не! Сакаме само да се осврнеме кон можните проблеми со здравјето кои се јавуваат по абортусот, а кои се факт и тие се случуваат, без премногу да се осврнуваме на статистичките бројки.
Уверени сме дека ако ти која го читаш ова си жена која размислува да направи абортус треба да добиеш информација за можните последици по твоето здравје затоа што кога се работи за тебе лично, ти не си статистика, туку жена во потреба!
Што е вештачки прекин на бременоста – абортус?
Вештачки прекин на бременоста, абортус, е оперативен зафат, извршен во склад со моментално важечките правни прописи и закони во поедина земја. Тие прописи и закони во различни земји се различни, а постојат варијации, од потполна забрана, до потполна либерализација на овој зафат.
Во некои земји, вештачкиот прекин на бременоста е дозволен само поради медицински или хуманитарни индикации. Во медицински индикации се вбројуваат: хронична хипертензија и хроничен нефритис, рак на гениталните органи, дијабетес, декомензирани болести на срцето, туберкулоза на белите дробови и др. Во хуманитарни индикации се: ментална дефектност, различни вирусни инфекции, јаки зрачења во раната бременост, употреба на дроги, рубеола во првите 16-18 недели од бременоста, Rh-изосензибилизација и друго.
КОМПЛИКАЦИИ ПО ВЕШТАЧКО ПРЕКИНУВАЊЕ НА БРЕМЕНОСТА (АБОРТУС)
Овој текст повеќе се занимава со соматските (физички) компликации по абортусот, иако не треба да се занемарат и психичките пречки и компликации кои можат да се јават кај жената по абортусот, а кои најмногу зависат од правните норми и од тоа како општеството гледа на абортусот.
При процена на физичките компликации, се служиме со степенот на морталитет и степенот на морбидитет.
1. Степен на морталитет
За разлика од нелегалниот абортус, смртноста кај легалниот абортус е минимална. Според Tietze (1969) на 100 000 жени, годишно умираат поради мајчинството 20 жени, поради илегален прекин на бременоста, 100 жени, а поради легален прекин на бременоста, 3-4 жени.
Сепак треба да се додаде дека според две студии направени во Финска и САД, бројот на смртни случаи поради разни причини е значително поголем кај жените кои направиле абортус во првата година по абортусот, во споредба со другите кои немале абортус.
2. Степен на морбидитет
И овде податоците се различни, а зависат од дефинирањето на компликациите, од должината на следење на жената по абортусот, од начинот на известување и евалуирање на компликациите. На зачестеноста на компликациите влијаат следните фактори: здравствената состојба на жената, паритетот, возраста на жената, во која недела од бременоста е направен абортусот, со која техника е направен абортусот, анестезијата, дополнителни оперативни зафати, стручноста на оној кој го врши зафатот, должината на хоспитализација. Исто така, важна е и развиеноста на здравствената служба и установа каде се врши абортусот.
Поделба на компликациите:
Во зависност кога се појавуваат, компликациите може да бидат:
1) Рани компликации, кои пак се делат на:
а) Непосредни компликации, кои се јавуваат во првите 3 часа по интервенцијата. Тука спаѓаат траумите како перфорација на утерусот, лезии на цервиксот и миометриумот, потоа компликации поради анестезијата и крварење.
б) Дополнителни компликации кои настануваат од 3 часа, па до месец дена по абортусот. Тука спаѓаат крварења и инфекции, тромбофлебитис и психички последици (депресија и чувство на вина)
2) Доцни последици, кои можат да бидат соматски и психички. Во соматски последици се вбројуваат компликации за повторно зачнување, бременост и породување.
Прво тромесечје
Во првите 12 недели од бременоста компликациите варираат во однос на траењето на бременоста и техниката на зафатот. Компликациите варираат од 0,3 до 3,9 % за ендометриска аспирација, 0,8 до 7,3% за вакуумска аспирација и од 5,4 до 15,3 за киретажа.
Перфорации (продупчување)
Префорациите се многу озбилни, но релативно ретки компликации. Обично се случуваат при дилатација со дилататорите, но може да се случат и со употреба на сондата или киретата. Доколку дојде до перфорација- продупчување на утерост(матката) со кирета, обично треба да се направи абдоминална експлорација -соодветен оперативен зафат (сутура), т.е зашивање на матката. Инаку, жената се набљудува и се постапува во зависност од случајот и ситуацијата.
Цервикалните лацерации (кинење на грлото на матката)- се ретки.
Крварењата и инфекците се почести доколку абортусот е извршен во поодмината недела од бременоста (крварења, 200мл 0-31%; инфекции 0-17,5%). Обично процентот на инфекции е околу 2%, а процентот на крварења кои бараат повторна киретажа е нешто поголем. Причина за инфекција најчесто е заостаното плацентарно ткиво.
Второ тромесечје:
Можноста за компликација се зголемува со траење на бременоста, без оглед на употребената техника. Бројот на компликации е за 3-4 пати поголем во второто тромесечје од бременоста, отколку во првото. Најмногу компликации се јавуваат при абортус во 17-20 недела од бременоста.
При индукција на абортусот со киселински раствор, се појавуваат пречки во коагулацијата на крвта, хипо и хипер натремија, грчеви, крварења и инфекции. При употреба на простагландини, се појавуваат пречки од гастроинтестиналниот тракт, а постои и ризик од појава на цервиковагинални фистули.
Доцни последици
Општо е познато дека смртноста по легалниот абортус е минимална, а дека можноста од појава на некое заболување поради абортусот е помала колку порано се прекинува бременоста. За разлика од тоа сознанијата за доцните последици се контрадикторни. Воглавно, податоците се темелат на ретроспективни студии со различна методологија.
Во доцни последици се вбројуваат: намалена фертилност, ризик од спонтани абортуси, раѓање на недоносено дете, ектопични бремености, влијание на текот и развојот на следните породувања, Rh-сензибилизација и менструалниот циклус.
Намалена фертилност
Иако постои сомневање, од досегашните истражувања не може со сигурност да се потврди дека абортусот значително влијае на можноста подоцна повторно да се зачне.
Влијание на исходот на следните бремености
Авторите, во различни земји, утврдиле поголема зачестеност на предвремено родени и спонати абортуси меѓу жените кои претходно имале намерен прекин на бременоста. На зголемената зачестеност на предвремено родени делуваат два фактора: оштетување на цервиксот за време на дилатацијата и/или плацентарна инсуфициенција која се јавува како резултат на прегрубата киретажа и оштетување на базалниот слој на ендометриумот.
Зачестеност на вонматерична бременост
Мислењата за тоа дали кај жените кои имале абортус, подоцна почесто се јавува вонматерична бременсот, се многу поделени.
Влијание на исходот на следните породувања
Кај жените кои претходно имале абортус, утврдено е дека подолго трае првото и второто породилно време, а кај нив почесто е потребен оперативен зафат во третото породилно време.
Во последно време се јавуваат податоци во литературата дека претходните абортуси кај жената влијаат на раната и доцната неонатална смртност кај нивните живородени деца во следните бремености.
Rh-сензибилизација
Ризикот за Rh-сензибилизација кај Rh- D негативни жени кои абортирале Rh- D позитивен плод, е потврден. За сега сé уште не е точно дефинирано кога во бременоста доаѓа до Rh- сензибилизација. Утврдено е дека ризикот е помал во првото (5-9% Rh- D негативни жени) отколку во второто тромесечје (10%) и дека е поврзан со техниката на прекин на бременоста. Затоа мора да се направи заштита со анти Rh- D имуноглобулин на сите жени кои се Rh- D негативни и се примагравидни, а кои сакаат понатаму пак да останат бремени и да родат.
Влијание на менструалниот циклус
Во последно време преовладува мислењето дека индуцираниот абортус незначително влијае на менструалниот цилкус, без оглед на употребената техника.
Кал нулипарите, односно кај малолетничките, има значително поголем број компликации, како и кај повратничките, особено кај оние со консекутивно повторувачки абортуси. Сите тие жени, како и болните жени, кај кои абортусот се прави поради медицински индикации, како и оние кои пред абортусот имале операција на утерусот, спаѓаат во ризична група. За нив треба да се обезбеди оптимална медицинска нега и хоспитализација.
Раните и доцните компликации од вештачкото прекинување на бременоста може да се спречат со:
1) Обезбедување на оптимални стручни и други услови за вршење на вештачкото прекинување на бременоста ( вршење на интервенцијата во добро опремени заводи од страна на искусни гинеколози, хоспитализација на ризичните групи, заштита на Rh- D негативните жени со анти Rh- D имуноглобулин итн.)
2) Со спречување на абортусите, кое може да се постигне со правилно и навремено сексуално воспитување, со давање правилна информација за контарцепцијата.
Користена литература:
P. Drobnjak; B.Beric; V. Sulovic , Ginekologija Medicinska knjiga, 1983, Beograd-Zagreb
M.Gissler, et.al., “Pregnancy Associated Deaths in Finland – 1987-1994” dostapno na;
http://afterabortion.org/2000/abortion-four-times-deadlier-than-childbirth/ Превземено на: 21.03.2012
David C. Reardon, 2004, Deaths Associated with abortion compared to childbirth – A review of new and old data and the medical and the legal implications, dostapno na
http://www.afterabortion.org/pdf/DeathsAssocWithAbortionJCHLP.pdf
Превземено на: 21.03.2012